Македонија
22. March 2019 - 19:34

Мутиран свински грип причина за смртните случаи сезонава

Мутираниот свински грип е причината за големиот број смртни случаи. Според епидемиолозите годинава во земјава вирусот е поагресивен и предизвикува потешки компликации. За 2 месеци има 22 смртни случаи, што не е евидентирано последната декада, по пандемиската 2009 година кога од свински грип починаа 33 лица.

- Вирусот на грип многу е вирулентен и претрпува чести промени, изјави прим. д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог во ИЈЗ.

Иако бројот на заболени опаѓа епидемиолозите предупредуваат дека и наредниот период можно е сеуште да има потешки случаи на заболени од грип. Најдобра превенција е вакцинацијата која според лекарите ги намалува компликациите.

- Грипот е заболување од кое се умира, додаде д-р Кузмановска.

Во меѓувреме се распламтува епидемијата на морбили. За една недела регистрирани се најмногу 104 случаи со мали сипаници. Досега заболеле 650 лица. Заразени има во 19 градови во земјава.