Балкан
24. February 2017 - 8:49

Мустафа: Кој нема да гласа за демаркацијата ќе нема место во партијата

Пратениците од редовите на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), кои ќе бидат против договорот за демаркација на границата со Црна Гора, ќе немаат можност да ја бараат доверба на граѓаните за повторно да бидат пратеници на партијата, изјави партискиот лидер и актуелен косовски премиер Иса Мустафа.

Како што јави дописникот на МИА, Мустафа за весникот „Тибуна чанел“ вели дека е убеден оти секој пратеник од неговата партија е свесен дека со договорот Косово не губи своја територија.

- Со противењето за демаркацијата, пратениците се обидуваат да собираат политички поени, оценува Мустафа.

Тој додава дека не го заплашуваат заканите во случај на гласање на демаркацијата.

- И доколку плоштадот се исполни со луѓе од „Гранд“, па се до Парламентот, нема да не заплашат, изјави Мустафа.

Мустафа ги отфрла тврдењата дека Косово на Црна Гора и го отстапува врвот Чакор.

- Да беше Чакор во рамките на општина Пеќ и со демаркацијата да останаше на црногорска територија, би имало причина за критики,но сите знаат дека Чакор е надвор од Косово. И овчарите го знаат тоа, знаат каде ги имаат пасиштата и бачилата, изјави Мустафа.

Владата планира набрзо договорот да биде на дневен ред на седница на Парламентот, но опозицијата се закани дека во таков случај „ќе го врати“ солзавецот во собраниската сала.