Македонија
6. August 2020 - 12:58

Муслиу: На крајот на август ќе имаме нова Влада – партиите сега градат позиции

Вчерашните информации кои ги објавија дел од медиумите за наводни договори за коалиции меѓу партиите се само градење на позиции пред официјалниот старт на преговорите за формирање на новото собраниско мнозинство кое ќе треба да ја избере новата Влада, вели во пладневните вести на Сител политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Според него, преговорите треба да се водат лице в лице а не преку медиумите.

„Јас мислам дека ова е процес на градење на позиции. Јас во неколку наврати напоменав дека најдобро ќе биде партиите своите преговори да ги водат како што е редот, еден спроти друг а не преку медиуми да градат позиции, затоа што градењето позиции преку медиуми, подига тензии кај граѓаните. Но сепак ова е фаза на припрема на преговори. Ние се уште немаме службено мандатар а веќе се насетуваат правците во кои ќе се движи целата работа. Вчера имавме само еден став на СДСМ и тоа доцна навечер. Други официјални ставови не сме имале. Ако веќе има такви договори, тие не знам зошто би се криеле, може да се објават. Се надевам дека вкави препукувања преку разни стартанични портали или вести не треба да се случуваат затоа што реално ги подигаат страстите кај граѓаните и непотребно една тема која треба да се води помеѓу политичките партии ја префрлаат на социјалните медиуми каде што борбата е уште пожестока“ – вели Муслиу за Сител. 

Тој додава дека е оптимист дека новата влада ќе се формира на крајот од август.

„Јас сум прилично оптимист и во неколку наврати сум рекол дека ние во септември ќе влеземе со новата влада и мислам дека сите сериозни знаци укажуваат на тоа дека ние пред крај на август ќе имаме влада“- вели Муслиу за Сител.

 

Александар Спасовски