Македонија
15. јуни 2018 - 16:25

Муслиманите го слават Рамазан Бајрам

По едномесечниот пост, во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце, денеска го прославуваат Рамазан Бајрам .

Со насмевки на лицата, широко беа отворени вратите од домот на семејството Аслани од Охрид за екипата на Сител телевизија.Тие велат дека според обичаите рано наутро се оди на молитва во џамија ,се посетуваат гробиштата а потоа прославувањето продолжува во домовите. Есат потенцира  дека на овој ден доаѓаат на традиционално благо неговите роднини , пријатели и соседите македонци затоа што и тој оди кај нив кога тие празнуваат.

Верниците вчера пазареа за денешната богата трпеза, баклавата се подготвува ден претходно, а денеска на Бајрам домаќинките со разни традиционални јадења  ги пречекуваат гостите.

Бајрам значи љубов кон ближните, простување на гревовите, помагање на безпомошните. Богатите им помагаат на сиромашните.

Рамазан, деветиот месец во исламскиот календар, воедно е и месец на почетокот на објавата на Куранот.

Празникот се прославува три дена ,во овој период верниците одат на гости едни кај други и си го честитаат Рамазан бајрам.