Македонија
31. July 2020 - 19:37

Муслиманите го слават Курбан бајрам во услови на пандемија

По Фитер бајрам, во време на коронавирусот, верниците повторно ги наполнија џамиите - овој пат го празнуваат Курбан бајрам. Оние кои дојдоа на утринска молитва во Мустафа-пашина џамија, во главно ги почитуваа здравствените протоколи.

Честитики за бајрам упати државниот врв и политичарите. Освен вообичаените пораки, годинава не изостаа ниту апелите, верниците да ги почитуваат мерките.

Министерот за здравство Венко Филипче, преку фејсбук, на граѓаните им порача да го чуваат своето и здравјето на најблиските.

Порака испрати и првиот човек на државата Стево Пендаровски.

-Посакувам овој голем празник да донесе среќа, радост, љубов и бериќет, и како  празник на дарувањето и на солидарноста, вели, да нè инспирира да им помагаме на сите оние на кои им е потребна материјална, но и духовна поткрепа, соопшти Пендаровски.

Овој празник кој ја слави добрината, нека нѐ води кон подобра и посветла заедничка иднина, порача првиот човек на СДСМ Зоран Заев.

-Овој празник е празник преку кој се шири добрината, и е потсетник дека токму солидарноста, еднаквоста, меѓусебното помаѓање и почитување се вредностите околу кои сите треба да бидеме обединети, вели Заев.

Честитки упати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Ве повикувам сите заедно да се сплотиме и да ја градиме Македонија како земја на европски вредности и принципи. Само така ќе овозможиме нашите деца, како и нашите предци да живеат под истото македонско небо во хармонија и напредок,порача Мицкоски.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски порача, како одговорни граѓани кон себе, кон своето семејство и кон државата да се почитуваат препораките на здравствените власти.

-На овој величествен ден, кој нè потсетува на суштината на човечкото постоење, да покажеме грижа и за најскапоценото нешто за сите нас, за здравјето, наведува Спасовски.

Порака упати и претседателот на Собранието Талат Џафери.

-Ви посакувам празникот да го поминете во добро здравје, на сите оние кои ги допре КОВИД-19 им посакувам брзо оздравување и што побрзо враќање во своите домови, за сите да го поминеме празникот опкружени со нашите блиски и сакани, вели Џафери.

Курбан бајрам се празнува 3 дена. Карактеристично за овој празник е што се принесува жртва - курбан, кој потоа им се дели на сиромашните. Празникот симболизира и приближување кон Бога.