Македонија
6. November 2018 - 16:28

Мукоски кој е дел од новата пратеничка група, бара судот да му овозможи повеќе време за пратеничката функција

Неопходно е да имаме повеќе слободно време за да се вклучиме во работата на Собранието, сметаат дел од обвинетите пратеници во предметот „27 април“.. Според Крсто Мукоски, честите судења не им дозволуваат да се вклучат во собраниските процеси за кои вели дека се многу важни за државата..

„Очекувам дека во наредниот период ќе се има чувство и сенс за малку да се релаксираат работите, барем во овој период, да учествуваме во она што е многу важно во Собранието. А тоа е работата на координативното тело и амандманската расправа околу отворањето на уставот. Значи очекувам една релаксација за да може да го дадеме својот максимум за што сме и платени во Собранието на Република Македонија“, вели Крсто Мукоски, претеник.

По гласањето за почеток на уставните измени, пратениците Мукоски, Арнаудов и Василевски, добија полициско обезбедување кое ги следи и во судницата каде им се суди за минатогодишните насилства во Собранието..

„Институциите си постапуваат според она што тие го имаат како протокол. Во секој случај не чувствувам никаква загрозеност ниту на мојата ниту на безбедноста на моето семејство“, објаснува Мукоски.

Инаку судењето за 27 април продолжи со емитување снимки од безбедносни камери во собранието.. Од нив се гледа движењето на толпата граѓани низ законодавниот дом и дејствијата на дел од обвинетите..

За овој предмет, судијката Добрила Кацарска закажа рочишта до крајот на март, месечно се одржуваат по 15-тина расправи..