Балкан
21. November 2017 - 23:01

Муижниекс загрижен за застојот во процесот на помирување на Западен Балкан

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Муижниекс, изрази загриженост поради застојот на процесот на помирување во земјите од Западен Балкан каде што преовладуваат етничките и другите поделби, се вели во извештајот по посетата на регионот.

- Овие застои особено се однесуваат на одбивање геноцид, воздигнување на воените злосторници и обидите да се рехабилитираат лицата вклучени во злосторствата извршени за време на војните во 90-тите од минатиот век. Освен тоа, поделбите се интензивираа со историскиот ревизионизам поврзан со Втората светска војна, со запалливите говори на некои политички водачи и постојаното продолжување на етничките сегрегација во образованието, пишува Муижниекс во последниот коментар за човекови права објавен денеска, се вели во соопштението на Советот на Европа.

Муижниекс вели дека е крајно време политичките водачи од регионот да почнат да работат заедно за да се справат со проблемите од минатото и да изградат заедничка визија за иднината.

И покрај постигнатиот напредок досега, останува уште многу да се направи, наведува Муижниекс.

- Сегашните знаци на регресија во регионот ризикуваат да го загрозат напредокот што е постигнат досега. За да се спречат овие негативни трендови, а потпирајќи се на лекциите од минатото, сите политички актери треба да ги стават настрана своите краткорочни политички цели и да се фокусираат на зајакнување на социјалната кохезија наместо зајакнување на етничките поделби , напиша тој.