Македонија
31. May 2020 - 16:41

Мухамед Зекири позитивен на Ковид-19, нови 62 позитивни случаи, двајца починати - расте бројот на заразени

Нови 62-ца заразени со коронавирус во Македонија. Изминатото деноноќие двајца пациенти на 60 од Струга и 64-годишна возраст од Гостивар починаа од компликации од Ковид-19. Најмногу 24 новозаболени има во Скопје. Меѓу нив се и потпретседателот на СДСМ Мухамед Зеќири, неговата сопруга и тримесечната ќерка. Тој ја објави информацијата на неговиот Фејсбук профил. Тврди дека строго ги почитувал мерките, но не обелодени како дошол во контакт со вирусот.

- За среќа јас немам никаков симптом но резултирав позитивен. Затоа уште еднаш апелирам до сите да не го потценувате вирусот и можноста за зараза и да бидете максимално внимателни. Доколку кај вас или ваши блиски забележите и најмал симптом консултирајте ги матичните лекари и не одбивајте да се тестирате.

Изразувам жалење и се извинувам доколку несвесно последниве денови сум довел некого во незавидна позиција, пишува во неговата објава.

Според информации на Сител за конкретниот случај во тек е епидемиолошката анкета по што ќе се знае колку лица ќе бидат тестирани или ставени во изолација поради непосреден контакт со партискиот функционер.

Инаку последните податоци од скопскиот центар за јавно здравје покажуваат дека во главниот град најмногу случаи 11 има во Чаир ( 8 се од две семејтства), Бутел 6, Карпош, Аеродром, Сарај по 2 и Гази Баба новозаразен. Епидемиолошките анализи укажувале дека 90 проценти се од семејства каде веќе имало болен.

-Се работи за исти семејства и полесно се контролираат контактите. Се работи за непочитување на мерките, собирање на повеќе луѓе на исто место во затворени простории без заштита. Имаме цели семејства кои што се позитивни на тестовите, изјави д-р Арбен Зибери, директор на Центар за јавно здравје Скопје.

Откако во петокот екипи здравствените власти се пожалија дека граѓани одбивале да соработуваат или давале лажни податоци, екипи од скопскиот Центар за јавно здравје во текот на денот успеале да направат епидемиолошка анкета и да земат брисеви од 15 лица кои не знаејќи присуствувале на погребот на починатиот кај кого посмртно беше потврден Ковид-19. Зибери смета дека неопходна е помошта од граѓаните.

-Оваа битка можеме да ја добиеме само ако ни помагаат граѓаните. Нема друга можност да излеземе што побргу од оваа пандемија и од оваа ситуација, зошто соработката и давањето точни информации е многу битно ние многу побргу да ги најдеме контактитеи да ги тестираме луѓето да не дозволиме да се шири заразата и да се инфицираат други луѓе зошто има многу асимптоматски случаи кои се многу опасни и токму тие се причина што последната недела ни се зголемува бројката во градот Скопје, изјави д-р Зибери.

Во моментот најмногу 267 активни случаи со Ковид-19 има во главниот град. Поголемиот број од заразените се од 4 општини. За кои здравствените власти посочија дека не е исклучена можноста за локални карантини, но од Центарот за јавно здравје сметаат дека оваа мерка е многу тешко да се спроведе.