Македонија
25. January 2017 - 21:12

Муцунски: Јанева ја поништи основната причина поради која беше формирано СЈО

Со одлуката да се откаже од предметот Пуч, Катица Јанева ја поништи причината поради која беше формирано Специјалното Јавно Обвинителство. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Јанева бега од одгоовори и по една недела од најголемиот скандал во македонската правосудна пракса, со која обвинител застана во одбрана на кривично дело, наместо да инсистира тоа да биде разрешено. Од партијата велат дека Јанева го делегитимираше Специјалното обвинителство чија главна задача е да го расчисти скандалот со незаконското прислушување.

Помина цела недела откако Катица Јанева политички одлучи да ја погази судската пресуда и признанието на осудениот Ѕвонко Костовски кој соочен со доказите во предметот „Пуч“ се спогоди за помала казна затвор. Помина цела недела, а јавноста не слушна како Катица Јанева ја толкува скајп  комуникацијата помеѓу обвинeтите во „Пуч“, Верушевски и Лазаревски. За кој чадор говорат Верушевски и Лазаревски, кога велат цитирам: „Знаејќи го чадорот, не верувам дека ќе останеме заборавени“? Дали Катица Јанева се согласува и застанува зад нивните намери ситуацијата да излезе од контрола, а мирот да експлодира? Дали Катица Јанева се согласува со нив кога велат „навикнати сме друг да страда, а ние сме благонадежни. Колку и да бега, колку и да се крие, Катица Јанева не може да избега од одговорноста за непрофесионалната и скандалозната одлука која што ја донесе, вели Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.

Дека СЈО од самиот почеток одработува за политичките интереси на СДСМ и за личните интереси на Заев, пишува и професорката Тања Каракамишева во својата последна колумна.    

Од првиот ден кога стапи на функција СЈО тргна во груба повреда на основните начела и принципи во кривичната постапка. Пораката што СЈО им ја испрати на македонските граѓани со откажувањето од кривичното гонење е дека Заев, Верушевски и нивната платеничка банда се невини без за тоа да постои судска пресуда. Дали Заев и Верушевски навистина би биле ослободени од казна би можело да го каже само судот по завршувањето на целата главна расправа. Но, такво нешто СЈО не дозволи иако овој орган знае или би морал да знае дека само Судот е единствениот надлежен орган да ги цени основаноста и тежината на понудените докази кога предметот е во поодмината главна судска расправа, пишува Каракамишева и заклучува дека Јавното обвинителство за организиран криминал мора да продолжи да го застапува предметот Пуч со цел да го врати владеењето на правото во земјава.