Македонија
25. March 2019 - 12:42

МТСП: Со новиот закон за социјална заштита не се кратат, туку се унапредуваат правата на лицата со попреченост

Министерството за труд и социјална политика тврди дека со новиот закон за социјална заштита не се кратат правата на лицата со попреченост, туку дека со него тие права се унапредуваат и прошируваат.

– Со новиот Предлог-закон правото на попреченост покрај за телесните инвалиди, слепите и глувите, се проширува и за лицата со интелектуална попреченост. Но, најбитно е што ова право не се условува со правото на помош и нега од трето лице, изјави Душан Томшиќ, советник во кабинетот на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Тој додаде дека тврдењата на граѓанската организација „Хендикеп плус“ оти 7.000 денари како додаток за попреченост е несоодветен износ, се неиздржани и неточни, бидејќи, како што рече, во кумулативен износ во збир со други права висината на средствата по едно лице од оваа категорија може да ги добие, може да достигнат и до 20.000 денари.

Според него, новина е и воведувањето на лична асистенција и помош во домот, услуги кои, како што рече, досега не постоеле.

– За првпат од минатата година почна да се спроведува правото за персонална асистенција, да го овозможи остварувањето на начелото на Конвенцијата за независен живот на лицата со попреченост. Како новина ќе биде и помош во домот наменета за лица со интелектуална попреченост и стари лица, рече Томшиќ.

Интенцијата на МТСП, потенцира тој, е да се зголемат услугите во локалната заедница каде живеат лицата со попреченост за да можат тие да останат во своите домови и да добијат соодветни видови поддршка за да живеат како и останатите граѓани.
 
Томшиќ истакна дека со новиот закон ќе се овозможи да се формира цена на чинење на услуга, која, како што рече, ќе биде дадена на јавни повици на кои граѓанските организации согласно индивидуалните потреби на лицата со попреченост ќе можат да развиваат услуги кои им се потребни.

Советникот во кабинетот на министерката Царовска истакна дека квалитетот на новото законско решение е во тоа што правото за попреченост е компензациско право, не е замена за приход во семејството.

– Правото за попреченост се комбинира со право за нега и некои други права, а комбинацијата на некои права може да доведе средствата да достигнат и до 20.000 денари. Исто така за тоа право да се оствари услов не се приходите на семејството и нивната висина, а исто така ниту едно право не исклучува остварување друго право, рече Томшиќ.

Владата на Република Северна Македонија изминатата година ја усвои Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, кој предвидува 66 милиони евра за 10 годишна реформана системот за социјална заштита. Веќе се направени првите чекори за воспоставување индивидуализирани социјални услуги во заедницата – за првпат во земјата се воведе услугата персонална асистенција, финансирана од Буџетот на МТСП. По завршувањето на подготовките, вклучувајќи обука на идните персонални асистенти вкупно 69 лица во 7 општини добија можност да ја користат услугата лична асистенција. За оваа година се предвидува 200 лица со попреченост од целата земја да ја користат оваа услуга, вклучувајќи ги лицата со интелектуална попреченост. Ова е доказ дека оваа Влада во целост ги има во предвид одредбите на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, особено нејзините одредби за независен живот и независно одлучување кои се основата на развојот на сите нови индивидуални услуги коишто во минатото не постоеле.