Македонија
25. January 2019 - 14:02

МТСП: Поголеми плати за кадарот во градинките со Законот за детска заштита

Покачувањето на платите на вработените во градинките продолжува и во 2019 година. Со измените на Законот за детска заштита коишто се во собраниска процедура и треба да се најдат на гласање пред пратениците е предвидено покачување на платите на кадарот во градинките. Со истите измени за прв пат се предвидува и кариерен развој во секторот детска заштита, со што се враќа достоинството на вработените во градинките, информираат од Министерството за труд и социјална политика.

Зголемувањето на платите, но и започнатите реформи биле тема и на денешниот состанок на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска со директорите на градинките од цела Македонија.

-Министерството за труд и социјална политика и изминатата година обезбеди за 5 % повисоки плати за сите 4.300 вработени во градинките кои добија покачување. Исто така, за неполна година беше обезбедена финансиска согласност за вработување на над 1.000 лица, од кои поголемиот дел се на неопределено време. Процесот на јакнење на детската заштита продолжува и годинава со зголемување за 300 % на буџетот за капитални инвестиции во градинки. Со дополнителни 15 милиони евра од Светска банка се обезбедува простор за околу 7.000 нови деца во градинките, но истовремено работиме и на јакнење на кадрите. Не инвестираме само во зголемување на капацитетите на градинките, туку во целосна преобразба на детската заштита, односно го менуваме начинот на кој државата се грижи за децата, се вели во енешното соопштение од МТСП.

За да имаме успешно рано учење, истакнуваат од Министерството, неопходно е да имаме и квалитетен кадар во градинките. Во соработка со УНИЦЕФ се работи на професионалните компетенции на сите вработени. Дел од воспитувачите/чките по поминатите обуки, стекнатите вештини ќе треба да ги пренесат на своите колеги. Со втората фаза ќе се дефинираат компетенциите за директорите негователите, стручни работници и стручни соработници.