Македонија
31. March 2016 - 15:24

МТСП: Обинувањата од СОНК неосновани, документацијата испратена до Централниот регистар

Министерството за труд и социјална политика смета дека обвинувањето на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура за непоставување на оваа институција за упис на промени во регистарот на негови синдикални организации е на се должи на неинформираност, бидејќи, како што посочуваат оттаму, документацијата заедно со известување ја проследиле до Централниот регистар.

- Министерството за труд и социјална политика, постапувајќи по барањето на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) за упис на промени во регистарот на синдикати во Централниот регистар, во најбрз можен рок ја изврши својата законска обврска. На 7 март 2016 година до Централниот регистар на Република Македонија од страна на Министерството е испратено известување со доставената документација од страна на СОНК, заради преземање натамошни активности во надлежност на регистарот, се вели во реакцијата од Министерството за труд и социјална политика на денешната прес-конференција на СОНК.

Во неа се додава дека во последните неколку месеци од страна на Министерството за труд и социјална политика до Централниот регистар на Република Македонија биле процесуирани неколку предмети поврзани со регистрација и промена на податоци на синдикални организации, а со многу од нив, како што се посочува, биле остварени и работни средби од кои произлегле иницијативи за промена на колективни договори во функција на подобрување на правата на работниците и ослободување на правото на синдикално организирање.

- Оттука, сите обвинувања за наводно непостапување на Министерството за труд и социјална политика и министерката во однос на барањето на СОНК сметаме дека се заради неинформираност, се истакнува во реакцијата.

Од Министерството го повикуваат СОНК на заемна соработка во доменот на заштита и унапредување на правата на работниците во, како што се вели во реакцијата, духот на социјалниот дијалог кој мора да биде примарна цел на синдикатите, работодавачите и Министерството за труд и социјална политика.