Македонија
23. July 2017 - 17:18

МТСП: На директорката на Домот за деца без родители и е истечен мандатот, не е разрешена

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) денеска како реакција на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека директорката на Домот за деца без родители „11 Октомври“ не е разрешена и оти и е истечен продолжениот мандат како в.д. директорка. 

- Поранешната директорка на Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје, Ристена Атанасова, не е разрешена, туку на 16.07.2017 година и е истечен шестмесечниот, незаконски продолжен мандат како в.д. директорка, стои во соопштението од МТСП.

Во соопштението натаму се наведува дека по два четиригодишни мандати, Атанасова воопшто немала право повторно да биде номинирана за извршување на функцијата директор, согласно Законот за работни односи. Но, и покрај оваа законска пречка, таа добила в.д. мандат и договор на 6 месеци, кој истекол на 16 јули 2017 година.

Од јавен интерес, според МТСП, е да се знаат и дополнителни информации за работата на Атанасова и притоа наведува: 

- „Поранешната директорка, без никаков законски основ ги додавала сите можни надоместоци (полноќна работа, празнични денови...) на основицата на нејзината плата, и на тој начин си исплаќала самата на себе си и до 50.000 денари. За време на техничката влада, Атанасова е разрешена од тогашната министерка Фросина Ременски, по основ недоставување на извештај за финансиско материјално работење на Домот „11 Октомври“, што е законска обврска на директорката. Поранешната директорка Атанасова набавувала скапи телефонски апарати, при што дел од трошоците паѓале на товар на Домот „11 Октомври“. Во финансиската служба на Домот, исто така се евидентирани нејасни фактури и тоа за набавка на алкохолни пијалоци во висина од 12.000 денари, како и за набавка на рачни часовници во висина од 30.000 денари. И, двете набавки се нејасни и допрва ќе се разгледува нивната оправданост“.

МТСП обвинува дека во рамките на Домот за деца без родители „11 Октомври“ Скопје, постојат, како што се наведува во соопштението, сериозни индиции дека била злоупотребувана службената положба од страна на поранешната директорка Ристена Атанасова и кога ќе се направи ревизија, ќе бидат преземени сите дејства согласно законската регулатива.