Македонија
21. July 2017 - 16:21

МСТП изготви десет годишна стратегија за интеграција на бегалци

Преку национална стратегија министерството за труд и социјала ќе ги интегрира бегалците во Македонија. Подобро образование, полесен пристап до вработување и можност за обезбедување на стан за семејствата бегалци предвидува државната стратегија за следните 10 години.

До сега во земјава сопствен стан добиле 20 семејства, а државата планирала преку изградба на станови на државно земјиште и реновиорање на постојни објекти во државна сопственост на бегалците да им го реши проблемот со домувањето.

МТСП предвидува интеграција од најрана возраст, па така се планира изучување на македонскиот јазик како за децата така и за бегалците возрасни што би требало да им го олесни процесот на вработување во Македонија. Како најголема важност во стратегијата се предвидува итно решавање на следниве според МТСП стратешки препораки:

• Да се обезбеди запишување на децата во редовните програми за основни и средни училишта;

• Изведување обуки за наставниците и професорите на сите образовни нивоа за да се влијае врз квалитетот на образованието и формирањето пријателска училишна средина;

• Обезбедување можности за пристап до различните нивоа на високото образование

Државата преку стратегијата предвидува и поддршка на вработувањето на бегалци, олеснување на пристапот до работни места за бегалците, признавање на нивните стекнати квалификации, нострифицирање дипломи. Стратешките препораки вклучуваат и :

• Подобрување на пристапот до стекнување државјанство и поврзување со проактивниот ангажман за интеграција

• Олеснување на процедурите за семејно обединување како поддршка за процесот на интеграција

Ваквиот потег од министерството го објаснуваат со оценката дека поврзувањето со семејството, може да го ублажи чувството на загуба што ги следи многу бегалци кои, покрај семејството, ги загубиле својата земја, мрежата пријатели и животот каков што го познавале.

Министерката за труд и социјала, за Сител вели дека очекува во идните две недели да го добијат одговорот од надлежните институции, реакциите на НВО секторот како и оценките од граѓаните за да се добие финалниот текст на стратегијата по што јавноста би добила официјален коментар од нејзина страна за приоритетите на имплементација.

Од министерството сепак појаснуваат дека стратегијата за интеграција на бегалци и странци, се само еден патоказ без никакви обврзувачки акти кон кое било министерство или институција.