Loading Video...
Тенис
29. October 2018 - 10:05

Мртва трка на Надал и Ѓоковиќ за врвот на АТП ранг листата

Само 35 поени е разликата меѓу Надал и Ѓоковиќ на најновата АТП ранг листа објавена денеска. 
 
Шпанецот, Рафаел Надал и натаму е лидер на АТП листата со 7.480 поени, пред Новак Ѓоковиќ кој има 7.445. 
 
Тие се и прворангираните двајца носители на Мастерс турнирот, од серијата 1000, што се игра во Париз, за награден фонд од 5,5 милиони долари. 
 
Надал кој нема настап од УС Опен, во првиот меч во Париз ќе игра со победникот од дуелот меѓу Фернандо Вердаско и Жереми Шерди. Ѓоковиќ кој пред две недели триумфираше во Шангај, за противник во првиот меч ќе го има победникот од дуелот меѓу Марко Ценчинато (Италија) и квалификантот Жоао Соуса (Португалија). 
Сега трет на АТП ранг листата е Роџер Федерар кој по триумфот во Базел за едно место го потисна Аргентинецот, Хуан Мартин дел Потро. Инаку триумфот во Базел на Федерер му ја донесе 99-тата титула во кариерата. 
 
Најдобро рангираниот македонски тенисер Томислав Јотовски е на 716-тото место на листата, што е за дури 206 места послабо од неговиот најдобар ранкинг од 15 јуни 2016 година, кога беше на 510-тото место.