Македонија
18. May 2016 - 12:23

Мрчела: Македонија досега ги исполнуваше препораките од ГРЕКО и нема причина така да не остане

Досега Македонија ги исполнуваше препораките на Групата држави против корупцијата (ГРЕКО) и мислам дека нема причина така да не биде и во иднина, изјави денеска претседателот на ГРЕКО, Марин Мрчела, кој престојува во Скопје каде учествува на работилница организирана од Академијата на судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Тој очекува препораките да бидат исполнети од страна на Македонија, а пленарната седница на која ќе се расправа за извештајот за Македонија ќе се одржи во последната недела од јуни.

- Знам дека Македонија доби многу препораки. Сега се занимаваме само со еден дел, а тоа е спречувањето на корупцијата во однос на пратеници, судии и обвинители и тешко е да се каже каква било оценка од две причини. Како прво извештајот не сме го разгледувале, а како второ не ги рангираме државите, туку настојуваме препораките да се исполнат. Што повеќе препораки се исполнат, тоа е подобро, истакна Мрчела.

Тој напомена дека и во Хрватска при примената на препораките се појавиле одредени проблеми и отпор, но оти кога се сака да се влезе во Европската унија, тогаш мора да се прифатат стандардите. - Иста е работата и со препораките на ГРЕКО, рече Мрчела.

Директорката на Академијата на судии и јавни обвинители Анета Арнаудова вели дека според ГРЕКО во Македонија се направени големи реформи во делот на унапредувањето на антикорупциското кривично законодавство во согласност со стандардите востановени со документите на Советот на Европа.

- Прогресот е во правец на сеопфатна и конзистентна легислатива, додека, пак, во однос на понатамошниот развој на реформските насоки на ГРЕКО, со новиот ЗКП зголемена е можноста за поефикасно гонење и пресудување на новите и постојните инкриминации за поткуп, посочи Арнаудова.

На дводневната работилница присуствуваат судии, адвокати, обвинители и претставници од Државната комисија за спречување корупција кои се информираат за искуствата во Хрватска во делот на корупциските казнени дела.