Македонија
3. јуни 2020 - 17:08

МПЦ со апел до верниците - за Задушница со маска и дистанца во најтесен круг

Да се почитуваат мерките од здравствените институции за време на споменувањето на упокоените христијани за време на претстојните денови на Духовденската Задушница, порача Светиот архиерејски синод.

-Гробовите да се посетуваат само од најблиските, да не се дели храна туку споменот да се изрази само преку молитвен чин извршен од свештено лице. Но, и да се носат заштитни маски и ракваци. Ова се препораките од Светиот архијерејски синод на МПЦ за претстојаната задушница.

Христијанството е вера во чија основа е љубовта, грижата и жртвата кон ближните, затоа Црквата повикува и во оваа прилика верниците да придонесат во заедничката борба против коронавирусот.

Обезбедувањето од АД Бутел ќе спроведува контрола на гробиштата, но проблем е што вработените немаат можност да направат ништо друго освен да укажат или да опоменат во случај на непочитување на мерките од страна на надлежните. Од претпријатието велат дека располагаат со мал број на луѓе со оглед на површината која треба да се покрие. Ова особено важи за гробиштата во Бутел, кои се и најголеми.

Од Бутел велат дека вработените досега имале проблеми со верниците. И покрај воведените мерки, голем број на верници не ги почитувале, а вработените немаат начин како да се справат со нив.

Доколку нема карантински мерки и на верниците им биде дозволено да ги посетат гробовите на своите блиски се очекува засилени контроли од полициските службеници кои ќе проверуваат дали се почитуваат мерките за заштита.