Македонија
12. February 2019 - 16:34

МПЦ нема да го менува името, очекува признавање како Охридска архиепископија - Јустинијана Прима

МПЦ-ОА во никој случај не планира да го промени своето име и покрај тоа што државата го смени уставното име во Република Северна Македонија. Синодот немал намера ништо повеќе да додава во уставното име на нашата црква. Ова денеска во Прилеп го изјави Митрополитот Преспанско-Пелагониски, Петар. Според него ова било веќе многу јасен став за кој немало потреба повеќе да се дебатира.

„Ние не можеме никому да му заповедаме, да му наредиме како ќе не вика нас, но ние ќе си се викаме така како што сме. Моите мислења и ставови не се поразлични од ставовите на светиот Синод и остануваме на сите тие ставови. Ако некој има подруго мислење од тоа, тоа е негово право, јас не го менувам ставот и мислењето на нашата света црква. Едно име имаме, така е песната“,изјави Митрополитот Петар.

Околу признавањето на МПЦ од страна на Цариград Митрополитот Петар рече дека тоа било на повидок доколку не се случело нешто неочекувано. Според правилата на црквата секоја суверена држава требало да има афтокефална црква, а МПЦ ги исполнувала сите услови за тоа. Најверојатно се преговара околу тоа да бидеме признаени како Охридска Архиепископија, но неизвесноста била голема.

„Ние ќе инсистираме да бидеме признаени под нашето име, што не е случај досега со ниту една црква по етничка основа да биде признаена, туку се признавани еве да споменеме, Цариградската патријаршија, Александриска патријаршија, Ерусалимска патријаршија, Антиохиска црква. Но како и да биде, ние сме биле Охридска архиепископија и ја обновивме Охридската архиепископија и не можеме да бегаме од фактот дека сме биле и сме обновена Охридска архиепископија и Јустинијана прима, бидејќи станува збор за цркви кои биле на нашите простори, на просторите на Република Македонија“, изјави Митрополитот Петар.

Дали МПЦ ќе биде следната црква која ќе добие Томос за афтокефалија после Украинската црква, ќе покаже времето. Но едно е јасно дека овие потези на Вселенската патријаршија веќе предизвикаа големи потреси во Православниот свет, каде црквите се приморани да завземат страна. МПЦ по се изгледа ја одбра својата.