Македонија
12. July 2015 - 17:19

МПЦ ја возобновува куќата на револуционерот Јосиф Даскалов во Кратово

Куќата на револуционерот Јосиф Даскалов и неговиот татко, отец Димитрија, наскоро ќе блесне во полн сјај. Оваа прекрасна архитектонска градба во старото градско јадро на Кратово, иако под заштита на државата, беше целосно руинирана и пред уривање. Благодарение на владиката Јосиф и Кумановско – осоговската епархија, куќата на Даскалови од неодамна стана сопственост на Македонската православна црква.

-Куќата беше откупена од страна на нашата Епархија и ќе биде возобновена, односно ќе биде вратен стариот сјај на куќата. Надворешно куќата ќе го задржи стариот изглед, но за жал, не може да се врати она што е загубено, а тоа е стариот интериер. Многу значајно е што успеавме да ги зачуваме двата портрета на свештеникот Захариј и на револуционерот Јосиф Даскалов. Во црквата ја чуваме и иконата на Богојавление, односно крштевање на Исус во реката Јордан, истакна отец Блаже Крстевски.

Деновиве интензивно се работи на возобновување на куќата на Даскалови. Според планот, во неа ќе има приемна соба за гости, а во иднина ќе функционира како летна резиденција на владиката Јосиф.

Градежната офанзива беше искористена за да се изгради нов потпорен ѕид и ограда на црквата „Свети Јован Претеча“, која се наоѓа веднаш до куќата на Даскалови.

Оливер Арсовски