Македонија
21. March 2020 - 14:18

Можно воведување на радикални рестрикции на движењето

Можно воведување на радикални мерки за спречување на ширењето на Ковид-19.

Владата ја задолжи Комисијата за заразни болести да подготви детален писмен предлог за воведување најостри рестриктивни мерки.

Овие мерки ќе се однесуваат на забрана и посебен режим на движење за време на денот и ноќта, организирање на јавниот превоз, како и сменско работење.

На денешната седница министерот Филипче заедно со двајца епидемилози ќе ги образложат предложените мерки и препораки.

Истовремено, Владата ги задолжи МВР, Одбрана и Армијата да направат детален оперативен план за спроведување на најстрогите мерки што ќе ги преземе Владата.

Сите оние кои не ја почитуваат мерката за самоизолација ќе бидат спроведени во државен карантин, но против нив ќе биде поведена и постапка. Освен тоа, трошоците за време на престојот во државен карантин ќе бидат на товар на лицата кои не ја почитувале оваа мерка.

Се задолжуваат Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија, во рамките на нивните надлежности веднаш да пристапат кон спроведување на досегашните мерки и препораки од страна на Владата, велат од Владата.

Освен тоа, сите инспекциски служби во државата ќе ги имаат истите надлежности како што во моментот ги има Пазарниот инспекторат.

-Се задолжува Мила Царовска, заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања и за координација на економските ресори во соработка со Министерството за економија и Министерството за правда, да подготват уредба со законска сила во која правно ќе ги нормираат надлежностите на сите инспекторати и инспектори (Надлежностите од инспекторатите во Државниот пазарен инспекторат да бидат пренесени на сите инспекциски служби), велат од Владата.

Истовремено, сите возачи на товарни возила кои влегуваат и излегуваат од државата, а не поседуваат дозволи издадени од Санитарниот и здравствен инспекторат ќе бидат пропуштени на граничните премини, но дозволата мора да ја обезбедат најдоцна до 24 март.