Македонија
3. February 2021 - 16:48

Можно ли е одложување на априлскиот попис?

Електронски попис или одложување за пролетта 2022 бара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски поднесе иницијатива до ДИК за собирање потписи за укинување на законот за попис. Во услови на тешка пандемија повикува на разум и да се следи примерот на европските држави. Според Мицкоски одложувањето за месец или два не е решение и смета дека државниот врв свесно ги носи граѓаните и попишувачите кон гилотина.

– Гледаме дека воопшто не се ни направени пописните тимови, ниту, пак, обучувачите на пописните тимови, а имајќи ги предвид пандемиските услови во кои се наоѓа државата невозможно е да бидат обучени а притоа да биде заштитено нивното здравје. Немаме вакцини со што би ги заштитиле тие луѓе, слушаме дека првите вакцини евентуално би пристигнале во државата во скромна количина некаде на почетокот на март. Не го изложувајте здравјето на граѓаните. Не бевте способни да донесете вакцини за тие кои што сакаат да го заштитат здравјето вакцинирајќи се, да им го овозможите тоа, овој пат барем направете електронски попис. Здравјето на граѓаните и човечките животи немаат цена. Оставете ја оваа статистичка операција за пролета 2022 година или охрабрете се и направите електронски попис по теркот на државите од Европската Унија. Тоа ќе значи дека граѓаните ќе имаат доверба во таа статистичка операција, нема да зависиме од политичкиот двоен потпис и на крајот на денот ќе можеме пристојно да си ја развиваме нашата Македонија, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. 

Премиерот вели ги разгледува сите сугестии но е дециден дека пописот мора да се спроведе. Можно е да го прифатат предлогот на претседателот Пендаровски пописот да биде одложен за месец или два.

За одлагање на пописот потребна е политичка одлука која ќе се преиначи во законско решение порачува спикерот Џафери и додава дека во таква дебата тој не сака да учествува. Собранието пропишало рокови и сега било беспредметно да се размислува на одложување и укинување смета претседателот на Собранието.