Свет
4. December 2017 - 13:53

Можно е Ирска и Британија да постигнат договор до крајот на денот

Ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Ковни изјави денеска дека се уште не е постигнат договор меѓу Велика Британија и Ирска во однос на иднината на границата со Северна Ирска по Брегзит, но дека е можно да биде постигнат напредок до крајот на денот. 

Ковни наведе дека разговорите меѓу Лондон и Даблин се во „чувствителна позиција“ и дека британската и ирската Влада ги разгледуваат можните верзии за текстот на договорот, што е предуслов за Велика Британија да премине во следната фаза од преговорите за излез на земјата од Европската унија.

- Се надевам дека денеска ќе оствариме напредок, нагласи ирскиот министер за надворешни работи.

Како што јави МИА, британската премиерка Тереза Меј денеска пристигне во Брисел на преговори со клучните лица на ЕУ, кои би можеле да бидат одлучувачки за тоа дали Велика Британија ќе влезе во нова фаза од трговските разговори со Унијата.

Тереза Меј

Уредничката на британскиот јавен сервис за Европа, Катја Адлер, вели дека во текот на викендот се постигнати договори меѓу Лондон и Брисел за „трошоците за разводот", кои треба да ги плати британската страна, како и правата на граѓаните, но дека прашањето за границата на Обединетото Кралство со Ирска останува отворено.

Се очекува Меј да се сретне со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер. Од  Даунинг стрит порачуваат дека ќе следат „повеќе разговори", а пораката на Адлер е дека се чувствува „умерен оптимизам“.

Доаѓањето на Меј се совпаѓа со истекот на рокот, кој претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и го даде за да ја изнесе подобрената понуда поврзана со условите за британско повлекување од ЕУ.

На разговорите со Јункер и Туск, Меј ќе ја придружува државниот секретар за Брегзит, Дејвид Дејвис. 

Денеска е и крајниот рок  до кога Лондон треба да предложи решенија за границата меѓу Ирска и Северна Ирска, што е една од трите теми кои треба да бидат уредени пред да започне втората фаза од преговорите за Брегзит.  

Доналд Туск

Во петокот Туск наведе дека Европската унија ќе го отфрли британското барање за преговори за транзицискиот период по излегувањето на Велика Британија од Унијата и за иднината на трговскиот пакт, доколку Ирска не е задоволна од понудата на Лондон за статусот на границата кон Северна Ирска.

Доколку по излегувањето на Велика Британија од Унијата биде обновена граничната контрола меѓу Ирска и Северна Ирска, тоа може да предизвика удар во нивните економии кои се тесно поврзани.