Бизнис
22. October 2021 - 16:32

Можни ли се рестрикции на струја - загриженост кај експертите

Се погласни алармите дека зимава не очекуваат рестрикции на струјата. Енергетскиот консултант Сања Божиновска за Сител вели дека веќе се кројат такви планови, откако вчера пропадна тендерот за набавка на 1,2 милиони тони јаглен.

-Имам сознанија дека веќе се вршат некои планови за рестрикции. Искрено се надевам дека тоа нема да се случи, меѓутоа, нашата Влада мора да преземе некои мерки и да има стратегија и да ги извести граѓантие што ќе се случува со електричната енергија, сега и за зимата која ни претстои, вели Божиновска.

Ваква информација сподели и првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ кој вели дека од ноември ни претстои енергетска криза.

-Од она што го имам како информација е дека се подготвува и во енергетските компании план за рестрикции. Не знам колку е тоа вистина, но таа информација дојде до мене. Наместо работа се крадат енергетските компании, многу лесно ќе се соочиме со енергетска криза и таа енергетска криза ни е на прагот, ни тропа на врата, рече Мицкоски. 

За да се воведат рестрикции на снабдувањето со електрична енергија потребно е да се формира Комисија за електроенергетска кризна состојба составена од пет членови – претставници од компаниите производител, преносник, дистрибутер, РКЕ и Министерството за економија. Доколку Комисијата донесе одлука за прогласување електроенергетска кризна состојба ја доставува до Владата. За натамошен прекин или продолжување на кризната состојба одлучува Комисијата која има мандат од четири години.

Првиот човек на ЕСМ, Васко Ковачевски уверува дека компанијата произведува доволно струја и оти е зголемен ископот на јаглен. 

-Во наредните денови ќе склучиме договор за набавка на јаглен за РЕК Осломеј за негова континуирана работа од декември до април 2022 година. За РЕК Битола повторно е распишан повик со цел да се добие поголема количина на јаглен по поволна цена која ќе има економска оправданост. Истовремено се прават координации со ТЕЦ Неготино за стартување на оваа термоелектрана и работиме истата да се стави во функција. Потенцираме, електрична енергија за домаќинствата има, цената останува иста, вели директорот на ЕСМ Васко Ковачевски.

Увозот на јаглен е засега единствената мерка за справување со енерегтската криза. Во меѓувреме цената на струјата на светските берзи и натаму расте.  Предупредувањата се дека ни престои тешка зима.  Очекувањата се дека цената ќе се стабилизира дури во втората половина следната година.