Македонија
8. December 2021 - 16:42

Можен ли е политички договор за проверка на судски предмети?

Судските предмети за кои Заев и Гаши договорија меѓународна експертиза, не се единствените за кои во јавноста има сомнеж за политички влијанија. Адвокатот Еленко Миланов како бранител на обвинети во Диво Насеље, 27 април и повеќе предмети на поранешното СЈО, смета дека внесувањето судски случаи во коалициски договор за влада, бил доказ за директно мешање во судската власт.

„Ако имаме мешање на извршната власт, тоа мешање подразбира дека има мешање во сите предмети кои што имаат конотација на политичко гонење и политичка освета. Не се само овие предмети, туку, многу предмети би можеле да влезат во таа група. Повеќето од тие се предмети кои беа покренати од СЈО или кои сега се превземени, па се водат од одделението за организиран криминал и корупција“, вели Еленко Миланов, Адвокат. 

Адвокатот Насер Рауфи кој брани обвинети во Диво Насеље и Монструм, поддржува меѓународен мониторинг, бидејќи како што вели, и во двата предмети имало пропусти во анализите на МВР. Полициските вештачења биле почеток на монтирани судски предмети. 

„Проблемот потекнува од тоа што, подносителот на кривичната пријава, во случајот МВР, ги прави вештачењата и тоа со нелиценицирани вештаци и практично од самиот почеток тие се необјективни. Тука всушност и почнува да се монтира  еден кривичен предмет“, изјави Насер Рауфи, Адвокат.

Иако побаравме, не добивме одоговори од обвинителите кои ги застапуваа судските предмети за кои политичарите договорија странска анализа. Одговор одби да даде и министерот за правда Маричиќ.

Според договорот Заев-Гаши, Владата ќе побара од Европската комисија да спроведе меѓународна истрага за судски предмети во кои се осудени албанци, бидејќи како што наведоа имало сомнеж за политички влијанија, а судиите имале предрасуди за етничката припадност на обвинетите.