Loading Video...
Македонија
12. January 2021 - 21:19

Можен ли е исчекор во дијалогот меѓу Скопје и Сoфија? Идентитетските прашања не се во фокусот

Идентитетските прашања не се во фокусот на Акцискиот план кој вчера шефицата на бугарската дипломатија, Захариева му го предаде на специјалниот владин пратеник во Софија, Бучковски. Според информации на Сител, за бугарската страна поважни се инфраструктурните проекти, проекти од сферата на економијата, образованието, културата...

Во таа насока се информациите кои ги објави Еуроактив. Повикувајќи се на дипломатски извори, медиумот јавува дека Софија бара изградба на железници, автопатишта, но подготвува и инвестиции од бугарски компании во Македонија

Сепак, засега и Скопје и Софија молчат и не откриваат детали што точно содржи овој Акциски план за кој македонскиот министер за надворешни работи рече дека е всушност одговор на Планот кој тој го доставил за време на првата посета на Бугарија.

Бучковски вели дека прво ќе се прави детална анализа на Акцискиот план, а дури потоа ќе се изгради јасен и прецизен став.

Во изјава за МИА, специјалниот пратеник во Софија вели дека со Захариева размениле идеи за процесот за враќање на довербата меѓу двете земји, со цел отстранување на бугарската блокада.

-Oчигледен е интересот на двете страни да не се дозволи замрзнување на односите, или комуницирање само преку медиуми или преку посредници. Нашата блискост како два народи и две држави со заеднички моменти од минатото и заеднички погледи кон историјата не упатува и двете страни да преземаме чекори до наоѓање решение, а ваквите работни средби се токму чекор напред кон решение”, вели Бучковски.

Во меѓувреме, во Бугарија продолжуваат критиките од релевантните политички кругови за позицијата на Софија. Поранешниот бугарски министер за надворешни работи и искусен дипломат, Љубомир Ќучуков вели дека македонското прашање во Бугарија е доведено во позиција на политички мегдан кај политичарите за тоа кој е поголем патриот што е поразителна политика за бугарските национални интереси.

И заменик-директорката на Европскиот совет за надворешни работи Весела Чернева потенцира дека сопирањето на евроинтегративниот процес на Македонија ќе предизвика раст на национализамот на Балканот и голема дестабилизација. Посочува дека актуелната бугарска гарнитура нема желба да направи позитивен исчекор во преговори и оти најверојатно треба да чека новиот естаблишмент по изборите.