Македонија
15. October 2017 - 14:04

МОСТ регистрира повеќе неправилности на гласањето

 Набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ во досегашното гласање на изборите денеска регистрираа повеќе непочитувања на постапката на гласање од страна на избирачките одбори, проблеми со изборниот материјал, проблеми предизвикани од неовластени лица, непочитувње на постапката на гласање и проблеми предизвикани од гласачи.
 
Ова го соопшти на прес-конференција извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов.
 
Непочитување на постапката на гласање од страна на избирачките одбори, Алексов ги посочи на гласачко место 0001 во општина Берово каде  откинати биле 5 гласачки ливчиња заедно со серискиот број. ИО направил записник за тоа и гласањето продолжило.
 
На гласачкото место  2753 во општина Аеродром, на скоро 60 гласачи им биле дадени гласачки ливчиња заедно со серискиот број. По реакција на гласач, ИО започнал да ги откинува ливчињата без серискиот број. Дополнително, претседателот на ИО не соработувал со набљудувачот на МОСТ
 
На гласачкото место 0866 во село Мојанци, општина Кочани, регистрирани се три случаи на семејно гласање во кои биле злоупотребени шест гласови. Избирачкиот одбор не реагирал.
 
На гласачкото место 2273 во општина Штип, седум гласачи не биле проверени со УВ ламба. Дополнително, ИО ги чита на глас имињата на гласачите.
 
На гласачкото место 1375 во општина Прилеп, гласач не можел да гласа зашто во избирачкиот список веќе имало потпис на негово место. Откако гласачот си заминал ИО увидел дека друг гласач со слично име по грешка се потпишал на неговото место. ИО не направил записник за ова.
 
На гласачкото место во 2653, Бардовци во општина Карпош, четири гласачи не биле проверени со УВ ламба.
 
На гласачкото место 2715 во општина Аеродром, еден гласач бил испрскан со невидливиот спреј пред да биде проверен во избирачкиот список. Гласачот на бил во Избирачкиот список зашто не гласал на тоа гласачко место, па ИО не му дозволил да гласа. Гласачот отишол на гласачкото место каде што треба да гласа, но тамошниот ИО не му дозволил да гласа.
 
На гласачкото место 2699, општина Аеродром, до гласачките кутии пронајдено е заокружено ливче кое не било ни превиткано. Откако ИО го забележал, го прогласил за неважечко и го ставиле кај неискористените ливчиња, бидејќи немале посебни пликови за да го спакуваат.
 
На гласачкото место  2902 во општина Чаир, на еден гласач му било издадено едно ливче повеќе бидејќи било залепено со претходното. ИО побарал инструкција од ДИК по што ливчето било ставено во посебен плик.
 
На гласачкото место 2645, општина Карпош, на гласач му биле издадени 2 ливчиња за избор на градоначалник на град Скопје по што реагирал кај ИО, кој по проверка на кочанот со гласачки ливчиња приметил дека им недостигаат две ливчиња за градоначалник на општина и две ливчиња за градоначалник на град Скопје. Гласањето е прекинато, повикан е претседателот на ОИК Карпош и полицијата и направен е записник.
 
Вооднос на регистрирани проблеми со изборниот материјал, Алексов нагласи дека на гласачкото место 1718 во општина Струмица, во кочанот со гласачки ливчиња за градоначалник имало ливчиња за избор на градоначалник и совет на општина Велес. Гласањето било прекинато 15 минути.
 
На гласачкото место 2581/1 во општина Ѓорче Петров, гласањето било прекинато 1 час и 45 минути поради тоа што во кочанот со гласачки ливчиња за избор на градоначалник имало и ливчиња за избор на совет. ИО ќе го продолжи гласањето за онолку време колку што траел прекинот.
На гласачкото место  0962 во село Жидилово, општина Крива Паланка, гласањето било прекинато во период од 15 минути поради тоа што УВ ламбите не работеле.
 
Во  гласачките места во ОУ Браќа Миладиновци во општина Аеродром има проблеми во функционирањето на УВ ламбите.
 
Што се однесува до шаблонот со Брајова азбука, алексов рече дека во општина Тетово и во општина Боговиње избирачките места не добиле ваков шаблон.
 
За проблеми предизвикани од неовластени лица  рече дека на гласачкото место 828 и 828/1, село Грешница, општина Кичево партиски активист со уште 2-3 неовластени лица агитираат во објектот пред просториите во кои се сместени гласачките места.
 
На гласачкото место  1455 во општина Прилеп, имало вербална расправија меѓу активисти на политички партии. Реагирала полицијата и ја смирила ситуацијата.
 
На гласачкото место 1471, во село Дебреште, општина Долнени имало присуство на неовластени лица пред гласачкото место. Полицијата реагирала и ги отстранила и пред ОУ „Петар Здравковски – Пенко“ имало конфликт помеѓу неовластени лица. Полицијата навреме реагирала и ги отстранила од местото.
 
 непочитување на постапката на гласање и проблеми предизвикани од гласачи регистрирани се на гласачкото место 1720/1, општина Струмица, гласач го фотографирал гласачкото ливче, била повикана  полиција, а ливчето не било ставено во кутијата. На гласачкото место 2829, општина Чаир, гласач ги фотографирал ливчињата. ИО му ги одзел ливчињата и ги прогласил за неважечки. На гласачкото место 2728 во општина Аеродром, гласач заборавил едно гласачко ливче позади параванот, а  во кутијата ставил три ливчиња. ИО забележал дека позади параванот има останато едно ливче, ја повикал ОИК, направиле записник, а ливчето го прогласиле за неважечко и го ставиле во посебен плик. Поради ова гласањето било прекинато 15 минути. На гласачкото место 2686, општина Аеродром, еден гласач ги ставил двете ливчиња за избор на градоначалник и совет заедно во една гласачка кутија. ИО повикал ги повикал ОИК и полицијата и направиле записник. Гласањето било прекинато околу 30 минути, по што продолжило. На гласачкото место 0307, општина Виница, најмалку 10 лица откако гласале, пред гласачките кутии ги отвориле гласачките ливчиња за да видат во која гласачка кутија да ги стават и јасно можело да се види за кого гласале.
 
Алексов соопшти дека во околината на ОУ „Браќа Рамиз Хамид“ во општина Шуто Оризари, се делеле прехранбени продукти од различни политички партии. Дополнително, бил лепен пропаганден материјал.
 
Од МОСТ апелираат до граѓаните нерегуларности во гласањето да пријавуваат на бесплатната телефонска линија 080 080 080.