Свет
27. May 2017 - 10:45

Москва загрижена поради бројните убиства на цивили при нападите на САД

Москва е загрижена поради бројните убиства на цивили во Ирак при нападите на коалицијата предводена од САД против „Исламска држава“, изјави портпаролот на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

Пентагон претходно ја призна смртта на најмалку 101 цивил, предизвикана при воздушен напад на меѓународната коалиција на 17 март, во западен Мосул.

Истрагата на американската војска утврди дека воздушниот напад ненамерно предизвикал експлозија, поради која се урна една зграда.

- Москва е длабоко загрижена поради прикривањето на масовната смрт на цивили во Ирак при постојаното бомбардирање и нападите на САД и нивните западни сојузници од антитерористичката коалиција. Шокира бројот на жртви, посочи Захарова.

Таа вели дека „предизвикува многу легални прашања“ статистиката на жртви меѓу ирачките цивили, кои ги наведе американската војска.

- Наведен е бројот од 352 загинати Ирачани. Реалните податоци, сепак, се целосно поинакви. Британската група за мониторинг „Ејрворс“, заборува за најмалку 3.100 цивили. Очигледно, тоа е осум пати повеќе од што признаваат Американците, кои продолжуваат заедно со западните сојузници да ја „лакираат“ грдата слика на ирачките настани, наведе Захарова.