Свет
1. August 2016 - 17:02

Москва подготвена за конструктивен дијалог со НАТО

Руското Министертсво за одбрана денеска упати покана до НАТО за одржување на консултации на ниво на експерти, посветени на актуелната воено-политичка состојба во Европа.

Како што јави ТАСС, рускиот заменик-министер за одбрана Анатолиј Антонов изјави дека ваквата покана за консултации, кои би се одржале во септември, е доказ за подготвеноста на Москва за „конструктивен дијалог со НАТО“.  

- Без разлика што немаме идентични погледи за причините и последиците кои доведоа до одлуките донесени на Самитот на Алијансата во Варшава, руската страна сепак изразува подготвеност за конструктивен дијалог за прашања од заеднички интерес, изјави Антонов.

Тој посочи дека уште на јулското заседание на Советот НАТО-Русија, Москва предложила „позитивна програма“ за развој на билатералните односи, чие спроведување би придонело за „намалување на тензиите и спречување на воени инциденти на линијата на која се допираат вооружените сили на двете страни“.

- Министерството за одбрана на Русија е подготвено и за консулрации со балтичките джрави, Полска, Шведска и Финска за воените активности во пограничните реони, со цел да се избегнат инциденти по море или во воздух, посочи Антонов.

На Самитот на НАТО, што се одржа минатиот месец во Варшава, беше донесена одлука за воено зајакнување на источното крило на Алијансата со распоредување на мултинационални баталјони на Пактот во трите балтички поранешни советски републики и Полска, поради стравувањата на овие земји од „руска агресија“.