Свет
3. February 2018 - 20:41

Москва и Вашингтон во „ќор-сокак“ за СТАРТ-3

Во понеделник истекува крајниот рок кога САД и Русија треба да достават потврди дека го исполниле договорот за намалување на нуклеарното оружје (СТАРТ-3) од 2010 година. 

Важноста на СТАРТ-3 истекува во 2021 година и се уште е нејасно дали договорот ќе биде продолжен.

Познавачите велат дека Вашингтон и Москва, сепак, во оваа фаза на геополитички конфликт, не се подготвени за понатамошно намалување на стратегиското оружје.

Од Стејт департментот денес изјавија дека американската страна уште лани ги исполнила сите обврски од договорот, изразувајќи надеж дека и Русија ќе го стори истото, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Според договорот СТАРТ-3 Русија и САД до 5 фебруари треба да го намалат арсеналот на атомското оружје до 700 меѓуконтинентални балистички ракети, балистички ракети на подморници и тешки бомбардери.

Потоа, двете земји не треба да имаат повеќе од 800 разместени и неразместени ракетни постројки и 1,550 атомски боеви глави на разместени постројки.

Претставник од Стејт департментот изјави дека САД ги постигнале „клучните лимити“ уште во август 2017.

Оттаму уште во октомври објавија информации за намалувањето на старетегиското оружје според бројките наведени во договорот.

Од своја страна пак, рускиот атомски арсенал е за 11 боеви глави повеќе, и до понеделник Москва треба да верифицира дека тие се одземени од вкупниот број на боеви глави.

Од Стејт департментот изјавија дека не се сомневаат дека Русија ќе го исполни договорниот лимит.

Во руското МНР вчера соопштија дека изјава за исполнување на условите од страна на Русија ќе биде дадена во понеделник.

Меѓутоа, се уште е нејасно дали СТАРТ-3 ќе биде продолжен. Американската страна се надева дека договорот може да биде продолжен на пет години, до 2026 година.

Во вчера објавениот годишен Извештај за нуклеарната политика на САД од страна на Министерството за одбрана, се вели дека во услови на „заемна согласност“ договорот може да се продолжи, но руската страна смета дека американскиот претседател Доналд Трамп е скептичен кон договорот склучен од неговиот претходник Барак Обама.

Овој договор лани тој го нарече „лош и едностран“, додавајќи дека е многу поповолен за Москва отколку за Вашингтон.

Меѓутоа, некои американски медиуми во септември цитираа извори од Белата куќа дека САД не планира да истапи од договорот и дека има согласност за негово продолжување.

Од своја страна и руски официјални лица не даваат конкретни детали за судбината на СТАРТ-3.

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела изјави дека Русија и САД „треба да најдат решение што да се прави со договорот за намалување на старетигското оружје“.

Притоа тој изјави дека Москва има дополнителни прашања до Вашингтон во врска со тој договор.