Балкан
15. February 2017 - 11:16

Московиси: Блиску сме до спогодба со Грција, иако има уште работа пред нас

Еврокомесарот за економски и финансиски прашања  Пјер Московиси денеска изрази надеж дека е можно да се изнајде најдоброто решение за Грција и оваа земја да продолжи да ги добива спасувачките кредити, јавија грчките медиуми. 

Московиси, кој се наоѓа во посета на Атина, претпладнево разговараше со грчкиот министер за финансии Евклидис Цакалотос, оценувајќи ја средбата како конструктивна.

- Чувствувам дека имаме потреба од една силна Грција во срцето на Европа. Економијата на земјата оди во добар правец и нашите прогнози се дека таа ќе се развива уште подобро. Неопходни се реформи, но таму каде има волја има и начин за постигнување на согласност, рече тој.

Еврокомесарот додаде дека 20 февруари (кога е средбата на Еврогрупата), може да се покаже како датум-патоказ за Грција.

Според европски извори, пред да дојде во Атина Пјер Московиси телефонски разговарал со претседателот на Еврогрупата, Јерун Дејселблум, кој му кажал дека се уште не е загубена „можноста“ за постигнување спогодба за Грција и тоа да се случи на средбата на министрите за финансии од еврозоната, на 20 февруари.