Македонија
11. July 2018 - 13:39

Мошуц, Братеску и Молдовеану најавија спектакуларен концерт на отворањето на „Охридско лето“

 Голема чест за нас претставува укажаната доверба ние да го отвориме фестивалот „Охридско лето“. Максимално ќе се вложиме, ќе дадеме се од себе на публиката да и донесеме незаборавно искуство и концерт за паметење. Тоа денеска од Охрид го порачаа ѕвездите на утрешниот концерт за отварањето на 58-то издание на „Охридско лето“, сопранистката Елена Мошуц, тенорот Калин Братеску и диригентот маестро Николае Молдовеану под чија управа ќе настапуваат и уметниците на Македонската филхармонија.

На прес-конференцијата по повод утрешниот концерт со кој ќе биде подигната завесата на сцените за наредните 40 фестивалски денови, уметниците кои за првпат ќе настапуваат во Македонија изразија задоволство од приемот во Охрид, од убавината на градот, езерото, земјат, гостопримливоста на луѓето.

За Фестивалот рекоа дека имаат слушнато од нивните колеги уметници кои веќе биде дел од фестивалската магија што речиси шест децении ја носи „Охридско лето“.

Големата оперска певица Елена Мошуц, која важи за еден од најразновидните и најекспресивните сопрани во светот, рече дека е благодарна што ќе биде дел од фестивал со долгогодишна традиција на кој настапувале светски познати уметнички имиња.

- Природата тука и луѓето се прекрасни, со нетрпение го очекуваме утрешниот концерт. Програмата ја избравме заеднички со колегата Братеску. Поради временските ограничувања односно должината на концертот од еден час, избравме оперски дела за поширока публика така што очекуваме добар прием кај публиката, рече Мошуц.

Маестро Николае Молдовеану кој веќе имаше една проба со уметниците од Македонската филхармонија, рече дека за отворањето на „Охридско лето“ е избрана програма во чиј репертоар се најубавите италијански и француски арии за сопран, тенор и дуо.

- Секој концерт на отворено не е само уметнички настан, туку културен феномен што остава можности за дополнително поврзување на уметниците со публиката. Во време на политички тензии на континентот, концертите на отворено носат радост и чувство на слобода како за публиката така и за нас уметниците. Благодарни сме што ни е дадена таа привилегија утревечер да бидеме тука за вас и со задоволство ве очекуваме, истакна Молдовеану, изразувајќи уверување дека и временските услови ќе придонесат за незаборaвен концерт и неповторливо искуство.

Тенорот Калин Братеску, од своја страна рече дека се чувствува благословено што има можност истовремено да работи и да одмoра на толку убави места како Охрид.

- Повеќе од сигурен сум дека утревечер ќе имаме прекрасен концерт, уживање за сечија душа, така што ве поканувам дојдете заеднички да уживаме, посочи Братеску.

Концертот на свеченото отварање на 58. „Охридско лето“ е предвидено да почне утревечер од 21 часот на сцената на „Античкиот театар.

Уметниците попладнево ќе имаат прием кај претседателот Ѓорге Иванов, кој е и покровител на најголемата музичко-сценска манифестација во земјата и еден од најпознатите и најреномираните фестивали на камерна музика и театарска уметност во регионот и пошироко.