Македонија
19. April 2019 - 16:21

Морбилите се шират и на Клинички кај другите пациенти

Пациенти со мозочен удар и невромускулни болести на удар од морбили. Малите сипаници влегоа и во Клиниката за неврологија каде има хоспитализирано лица со тешки заболувања. Во оваа здравствена установа регистрирале три случаи со ова заразно заболување. Првиот случај бил потврден кај воспитувачка од градинка која првично завршила на клиниката поради невролошки симптоми.

-Откако се потврди дека има морбили ја изолиравме во посебна соба и пред 7 дена е пуштена дома. Но ја известивме установата каде работи дека сме примиле воспитувачка која работи со деца и која имала морбили, вели др. Иван Барбов, директор на Клиника за Неврологија.

По пациентката со морбили се заразиле лекар и болничар од Неврологија. За да спречат ширење на заразата кај останатите пациенти, сите вработени денеска биле на проверка дали се вакцинирани против морбили.

-Ќе бидат вакцинирани сите што немаат примено вакцини. Има и строга забрана за посети, но знаете како е кај нас, семејства се закануваат и сакаат да влезат во болничките соби, вели Барбов.

Дека натписот – строго забранета посета поради епидемија од морбили не им значи ништо на граѓаните покажа и денешната слика пред интерните клиники. Луѓе одеа на посета иако се свесни дека тоа не е добро и за нив и за болните.

Не е добро ова со епидемијата и се надевам брзо ќе заврши, незнам има забрана за посета, ама наш народ тоа не го почитува, а тоа не е добро, велат граѓани..

Тројца деца со морбили има и во детската болница за белодробни заболувања во Козле. Тие се изолирани и има посебен влез за амбулантите за да не бидат во контакт со останатите пациенти.