Македонија
1. March 2017 - 22:11

Мора да бидеме подготвени: Штипјани во одбрана на Македонија

Преку непочитување на вољата на мнозинството македонски граѓани, а со помош од надвор, домашните платеници се обидуваат преку двојазичност да не втурнат во амбисот наречен кантонизација и федерализација, се истакна меѓу другото пред присутните на вториот протестен собир во Штип.

- Сега е часот да застанеме на патот на ова сценарио и на оваа антимакедонска стратегија. Мора да бидеме подготвени и да ги искористиме сите средства кои ни стојат на располагање- истакна Марија Кускинска

Бажо Китанов, долгогодишен декан на педагошкиот факултет и универзитетски професор по македонски јазик, истакна дека двојазичноста нуди осаменост, а оние кои сметаат дека имаат две татковини, два јазика и две мајки, осудени се на две туѓини, две маќеи и половина јазик.

- Може да се разговара, преговара и договара за се што е важно од животот на секој граѓанин, но не и за нашето свето тројство, името, јазикот, идентитетот- изјави Бажо Китанов

Граѓаните на Штип се едногласни дека и понатаму ќе ги поддржат протестите на здружението „За заедничка Македонија“ и од ден на ден ќе бидат помасовни, се до остварување на конечната цел, зачувување на македонската самобитност и сувереност.