Македонија
18. December 2019 - 16:36

МОН: Училиштата се должни да обезбедат сапун за раце за училиштата

Родители не треба да купуваат сапуни за децата да мијат раце додека се на настава, туку тоа е обврска на училиштата. Ова го тврдат од министерството за образование откако голем број ученици се пожалија дека немаат основни средства за хигиена во услови кога заразна жолтица се шири во образовни установи во Скопје.

Од МОН ги советуваат семејствата да пријават во Државниот просветен инспекторат доколку им наложуваат како обрска да набават хигиенски производи.

Училиштата добиваат средства од Министерството за образование и наука, преку блок дотациите кои им се префрлаат на општините од државниот буџет. Тоа се средства коишто служат за нормално реализирање на воспитно образовниот процес и за тековното функционирање на училиштата, велат од МОН.

И додека ученици сведочат дека нема ниту сапун ниту тоапелтна хартија, расте бројот на заразени со Хепатит А. Жолтица е регистрирана во 10 скопски училишта, но здравствените власти велат дека засега нема простор за прогласување на епидемија бидејќи нема поврзани случаи.

-Будно ја следиме состојбата, засега нема простор за епидемија, но јас би апелирал, бидејќи тоа е болест на нечисти раце, учениците да одржуваат хигиена, вели Венко Филипче, министер за здравство.  

На инфективна клиника има десетина хоспитализирани со жолтица и според лекарите се во добра здравствена состојба.

Од евиденцијата на Скопскиот центар за јавно здравје заразени има во речиси сите скопски општини. Сарај е на врвот со 16 случаи на хепатит А а заболени има и во Центар, Кисела Вода, Карпош, Бутел, Аеродром, Гази Баба.