Македонија
24. December 2020 - 8:36

МОН: Преку нов концепт до подобро образование за основците

Настава со осум или девет задолжителни предмети поделени во две групи од кои во првата македонски, албански, турски српски или босански јазик, математика, природни науки, општествени науки и англиски јазик, а во другата група уметничко, физичко, техничко-технолошко образование, предвидува новиот концепт за реформи во основното образование што вчера беше презентиран. Од Министерството за обрзование и наука најавија дека по презентацијата ќе следи јавна дебата.

Меѓу задолжителни предмети за ученици кои не ја следат наставата на македонски јазик се вклучува македонскиот јазик како предмет од четврто до деветто одделение, а се остава можност за избор на албански јазик како изборен предмет наместо втор изборен странски јазик. Природните науки, пак, ќе опфатат содржини од билогија, физичка географија, хемија и физика, а општествените науки ќе имаат содржини кои припаѓаат на историја, општествена географија, граѓанско образование, религија, етика.

Секое училиште треба задолжително да понуди две листи изборни предмети едната за учење други јазици, од која ќе може како изборен да се избере албанскиот јазик, доколку во средината во која живее детето тој се користи повеќе или пак е доминантен, а другата изборна листа ќе биде составена од четири категории слободни изборни предмети.

Согласно новиот концепт, времето на престој во училиште треба  да биде пет часови, од кои 3,5 наставни часа за децата од прво до петто одделение и шест часови односно 4,5 наставни часа за децата од шесто до деветто одделение.

-Концептот е подготвен од релевантни универзитетски професори и наставници кои се во настава директно сега и можат да ги видат предизвиците. Универзитетските професори заеднички со наставниците изградија визија за тоа каква концепција за учење во основно образование треба да има во нашата држава. Најрелевантни се педагозите и психолозите, рече министерката за образование Мила Царовска на вчерашната прес-конференција, на која беше презентирана новата концепција за основно образование.

Одговорајќи на новинарско прашање за историја и географија да останат како засебни предмети, министерката Царовска посочи дека верува во транспарентност и додаде дека низ дискусија се носат најдобри одлуки. По денешната презентација на оваа концепција, најави дека почнува јавна дебата, а документот ќе биде јавно достапен и сите релевантни ќе можат да дадат коментар.

-Но, најважно е дека сите профили кои треба да создаваат наставни програми понатаму, како историчари, географичари, тие директно ќе можат да се пријават на конкурс, да учествуваат во подготовка на наставните програми. Тој процес исто така ќе го водиме транспарентно. Нема грижа дека некој нема да биде вклучен. Сите ќе бидат вклучени затоа што ова е значаен процес за нашата држава. Ова е значаен процес за образовниот систем, но и за економијата и иднината на државата, нагласи Царовска.

Од Владата велат дека презентацијата јасно покажала дека со предлогот за наставен предмет општествени науки не се укинува наставниот предмет историја, туку содржините од него се предвидува да станат задолжителен дел од новата наставна програма, како и дека новиот концепт не предвидува намалување на бројот на наставниците по историја, географија и граѓанско образование, туку продолжуваат заеднички да ја планираат наставата, со цел учениците да добијат најдобро можно знаење на најефикасен начин.

Се предвидуваат и промени во учебниците и наставните материјали. Експертите вклучени во подготовката на новиот концепт велат дека е неопходна замена на постојните учебници со нови, изработка на квалитетни учебници за сите задолжителни наставни предмети од групата на задолжителни предмети како математика, природни науки, општествени науки, англиски јазик, македонски јазик и јазиците на заедниците во земјава.

– Тенденција е класичните форми на учебници кои сега ги имаме, достапни во печатена и во електронска форма, да бидат постепено заменети со дигитални верзии кои овозможуваат полесна реализација на наставата и постигање на очекуваните резултати од учењето, велат тие.

Најавениот нов концепт во основното образование предизвика реакции и на политичките партии.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ порача дека министерката Царовска нема концепт за подобро образование, а соопштија и дека  се слушува бришење на предметот историја кога се негира нашиот идентитет, јазик и историја.

Од владејачката СДСМ, пак, посочуваат дека предметот историја не се укинува и оти е неопходна реформа на образованието по, како што велат, хаосот што го остави во образованието ВМРО-ДПМНЕ по 11 години владеење.

-Новата концепција на образованието треба да понуди основна едукација на децата, на идните генерации граѓани да разликуваат вистински од лажни вести, порачуваат од СДСМ.