Македонија
3. February 2021 - 16:45

МОН не отстапува - Опозицијата се здружува за барањата на матурантите

Нема отстапки за државната матура. Според министерката за образование законот е дециден, роковите за пријавување матура се изминати и според тоа оваа генерација мора да ја заврши учебната година по сегашниот концепт. Но, Царовска остава можност за измени од следната учебна година.

„Тие им се потребни на учениците за запишување на факултетите во државата или надвор од неа. И токму затоа не можеме ретроактивно овие процеси да ги вратиме. Но, секако за наредната година веќе работиме на нова концепција. Законот е јасен и дециден, а тоа укажува на спроведување матура во наредниот период, заради тоа што државната матура е услов за запишување во високо образование. Сите ученици, кои што не сакаат да полагаат државна матура може да полагаат училишна матура со два предмети и може да полагаат стручен испит во стручните училишта”, вели Мила Царовска, министерка за образование и наука.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека се во право матурантите, кои бараат олеснување, односно да полагаат два наместо четири предмети од државната матура. Пратеници од оваа партија веќе предложија законски измени, со цел да им излезат во пресрет на матурантите.

„Ги поддржувам сите нив во нивните намери, затоа што и матурантите и наставно образовниот кадар се во право. И ги повикувам пратениците во Парламентот да го поддржат законот на опозицијата, кој што беше поднесен, затоа што на тој начин ќе бидат надминати недоразбирањата. А кои се недоразбирањата? Вие знаете дека на почетокот учебната година доцнеше еден месец поради неспособноста на надлежните да обезбедат услови за следење на настава на учениците во Македонија. Наместо да почнеме во септември, почнавме во октомври. Им беше ветено дека ќе бидат скратени содржините, што не се случи”, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

По разговорите со пратениците, матурантите велат дека добиле поддршка од сите опозициски политички партии во Собранието, но не и од владејачката СДСМ, од каде сметаат дека измените мора да дојдат од МОН или Бирото за развој на образованието. Од коалициската, ДУИ, пак, преку владини претставници ќе се обидат да најдат компромис. Матурантите воопшто не го започнаа второто полугодие и велат дека бојкотот на наставата ќе трае најмалку до крајот на неделава.