Македонија
9. December 2020 - 16:38

МОН не им дозволи на средношколците помалку предмети на државната матура

Министерството за образование и наука не го прифати барањето на средношколците наместо четири да полагаат два предмети на државната матура. Олеснителна околност е што на државниот испит ќе има лесни прашања за материјалот кој средношколците го изучувале онлајн, вели претседателот на сојузот на средношколци Блендио Ходаи.

Министерката за образование и наука вели дека ќе бидат скратени програмите по кои ќе се одржуваат испитите од државната матура. Таа додава и дека подготовките за државниот испит се во тек.

„Разбираме дека постои страв и несигурност кај средношколците во однос на безбедноста и самиот процес на подготовка, но токму затоа сме тука, низ заеднички дијалог да понудиме решенија кои ќе гарантираат и безбедност и поддршка. Бидејќи работиме во вонредни услови, подготовките веќе течат. Првата одлука која ја донесовме е да ги скратиме програмите по кои ќе се одржуваат испитите од државната матура со цел полагањето да биде ефективно и организирано“

Според податоците  на МОН, заклучно со 7 декември, со вирусот се заразиле 85 ученици кои имале настава со физичко присуство  и 154 наставници. Бројот на заболени од ковид во училиштата е помал од 1%.