Македонија
16. November 2021 - 15:41

МОН: Косово ќе го користи искуството на Северна Македонија во реформирање на образовниот систем

Министерството за образование и наука соопшти дека Косово ќе ги користи искуствата на Северна Македонија од имплементацијата на реформите и воведување на дигитализацијата во образовниот систем. Претставници од министерствата на двете земји денеска на состанок во Скопје договориле соработка, размена на искуства и поддршка во процесите за унапредување на образованието.

МОН наведува дека на состанокот тие ги разгледале можностите за соработка во повеќе сегменти на образованието, а посебно биле заинтересирани за искуствата и начинот на кој се имплементира дигитализацијата во образованието.

-На состанокот беше истакнато дека соработката и добрососедските односи се на највисоко ниво, но и дека Министерството за образование и наука на Северна Македонија е подготвено својот капацитет да го стави во техничка и стручна помош и поддршка на колегите од Косово во насока на подобрување, осовременување и создавање  поквалитетно образование. Северна Македонија и Косово се соседи кои покажуваат интерес за меѓусебна поддршка и за обезбедување повеќе и подобри образовни и научни можности за граѓаните. Тоа е добра основа за напредок и на нашите општества и воопшто на регионот, затоа што, во суштина, иднината на регионот најмногу зависи од меѓусебната соработка, соопшти МОН.

Работниот состанок одржан денеска е продолжение на неодамнешната средба на министерките за образование на двете земји, Мила Царовска и Арберија Нагавци, на која беше договорено зајакнување на соработката и меѓусебна поддршка во процесите на осовременување и унапредување на образованието.