Македонија
24. January 2021 - 14:53

МОН: Континуитет во настават со веќе воспоставениот модел е во интерес и на учениците и на заштита на јавното здравје

Континуитет на наставата во второто полугодие по веќе воспоставениот успешен модел од првото полугодие е во интерес и на учениците и на наставниците и на јавното здравје. Со овој модел никој не е изоставен од наставата, а се покажа како оправдан и успешен и затоа не треба да се менува. Веруваме дека Сојузот на средношколци и останатите матурантите ќе ја почитуваат оваа одлука на Комисијата за заразни болести спроведена од МОН и сите заеднички ќе придонесеме за зачувување на јавното здравје.

За потсетување првото полугодие заврши успешно со хибридниот модел на настава. Имавме над 90% ученици коишто успешно следеа онлајн настава, помалку од 1 % активни случаи  со Ковид-19 на наставници и ученици од оние кое беа со физичко присуство, според однапред утврден распоред се емитуваа часовите на македонски и албански јазик на НТВ, а наставниците на децата без уреди им доставуваа материјали и го следеа совладувањето на материјалот. Наставата течеше според планот, а оценувањето се заврши на време.


Исто така потсетуваме дека полагањето на државната матура е заокружување на образовниот процес и е задолжителна за упис на сите високообразовни институции. Освен државната матура, со Концепцијата за полагање матурски испити предвидена е можноста за полагање училишна матура, за ученици што нема да го продолжат своето образование на факултетите.

Учениците од сите средни училишта, до 31 декември ги завршија своите законските обврски и уредно ги пријавија испитите за полагање на државната матура. Истовремено, според планот, се реализираат и подготовките за изработка  на проектните задачи, коишто учениците ги изработуваат во соработка со своите  избрани  ментори, професори од  соодветните области. Во истиот период, беа  формирани училишните  комисии кои работат на системот на организација и реализација на матурските испити.


Исто така, Државниот испитен центар веќе ги заврши постапките околу составувањето на Државните матурски комисии и истите ги креираат прашањата по сите предмети, а во согласност со скратените наставни програми и условите во изминатиот  период.
 Министерството за образование и наука заедно со средношколците започнува процес за промени во концепцијата на државната матура. Променетиот начин на полагање би се применувал од учебната 2021/2022 година, а ќе се прави во заеднички и конструктивен дијалог со средношколците и наставниците.