Македонија
28. April 2020 - 12:11

МОН демантира дека е усвоена уредба со која училиштата продолжуваат со работа од 18 мај

 

Министерството за образование и наука преку соопштение ја демантира информацијата која денеска е објавена во дел од медиумите за наводно усвоена Уредба од страна на Владата со која основните и средните училишта во Република Македонија продолжуваат со работа од 18 мај.

Од МОН информираат дека се работи за лажна информација и документ, кој воопшто не е подготвен од МОН и усвоен од Владата, а оваа тема не била предмет на дискусија на владините седници во изминатите денови.

За сите одлуки кои институциите на системот координирано ги носат за време на вонредната состојба, посочуваат од МОН, јавноста е секогаш навремено информирана од страна на службите задолжени за односи со јавност.

Од МОН апелираат да не се креираат и шират лажни вести, бидејќи тоа не оди во прилог на заедничката заложба за справување со актуелната состојба и создава дополнителна вознемиреност кај граѓаните во овој исклучително тежок период за сите нас.