Македонија
8. November 2019 - 21:22

Момировски за Сител: Не е хаварија туку мал инцидент

Сопственикот на Еко Центар 97, Владо Момировски, вели дека во кругот на фабриката ОХИС не се случила хаварија, туку мал инцидент. Тој во телефонски разговор за Сител вели дека инцидентот се случил при отстранување на заостанати опасни хемикалии, проект што неговата компанија го добила на тендер од Владата.
Тоа се хемикалии што околу 20-30 години седат во кругот на ОХИС и сега претставуваат опасен отпад. Тие биле препакувани и подготвени за извоз.
Момировски вели дека при перењето на еден од резервоарите поради дефект на вентил од дотрајаност, дел од водата со која се перел резервоарот е протечена во бетонскиот резервоар, што има функција на заштитен бетонски базен проектиран токму за вакви ситуации за да спречи излевање на водата надвор.
Момировски вели дека миризбата што ја ослободува оваа хемикалија, метал акрилат, е остра и се чувствува во околина од околу 500 метри.
Инцидентот се случил минатата ноќ.

Сопственикот на фирмата задолжена за справување со овој отпад вели дека цело лето работеле веќе на овој проект и до сега не се соочиле со никаков проблем.
Момировски нема да бара одговорност од своите вработени бидејќи, според него, инцидентот се случил поради дотрајаност на опремата, која е стара шеесетина години.
Тој објаснува дека искуството на неговата фирма во справување со овој отпад е една година, бидејќи се работи за прв ваков проект во нашата држава и не е можно подолгорочно искуство.
Тоа што војската била присутна денеска било стандардна процедура, вели Момировски. Припадниците на АРМ завршиле со мерењето на воздухот и установиле дека не е надмината дозволената граница, по што си заминале.
Момировски потенцира дека инцидентот нема никаква врска со линданот во ОХИС, бидејќи се случил на 1 километар оддалеченост од линданот.