Македонија
5. July 2020 - 16:38

Молотов коктел во дворот на куќата на командирот на прилепската полиција

Молотов коктел бил фрлен утрово околу 3:15 часот врз семејната куќа на командирот на Полициската станица во Прилеп, Кире Спиркоски, која се наоѓа на улицата „Киро Крстески-Платник“ бр.37. Непознатите сторители го фрлиле стакленото шише со запаллива течност на вториот кат од куќата. За среќа наместо да се скрши прозорецот, шишето најверојато се одбило или од стаклото и од ПВЦ дограмата по што паднало во дворот каде избувнал оган.

Ударот со шишето врз прозорецот и пожарот прв го забележал синот на Спиркоски, кој во тој момент се наоѓал во својата соба кон која бил и фрлен молотовиот коктел. Веднаш ги разбудил своите родители кои истрчале во дворот и заедно со соседите го изгаснале огнот.

Случајот Спиркоски веднаш го пријавил во полиција. На местото на настанот излегла екипа на крим техника, која подигнала материјали и ги дала на понатамошно вештачење.

Командирот Спиркоски на ПС Прилеп денеска не сакаше да зборува пред камерите за овој настан, само кусо изјави дека засега не се сомнева во никого и не знае зошто некој би можел да направи ваков грозоморен чин.

Изјави немаше ниту од МВР. Во кусото соопштение на Министерството се вели само дека непознато лице фрлило импровизиран молотов коктел во дворот на куќата на полициски службеник при што настанал пожар кој успел самиот да го изгасне, при што нема повредени лица, ниту поголема материјална штета.

Од МВР велат дека се преземаат сите потребни мерки за расчистување на случајот.