Македонија
22. јуни 2022 - 16:41

Молк од Владата во Скопје, што ќе одговори Македонија ако Софија даде зелено светло за францускиот предлог

Молк од македонската влада за тоа дали нашата страна го прифаќа т.н. француски предлог за деболкада на евроинтеграциите откако станува извесно дека тој ќе помине во официјална Софија по поддршката што ја доби и од партијата на Борисов.

Од друга страна, премиерот Ковачевски потврди дека патува во Брисел на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, кој се одржува непосредно пред Еврoпскиот совет закажан за петок. Ковачевски на Фејсбук напиша дека во европската престолнина заминува заедно со албанскиот премиер Рама и српскиот претседател Вучиќ.

-Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан. Доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот“, напиша премиерот на Фејсбук.

Без официјален став се и од македонското МНР преку кое се водеа разговорите со Бугарија, но шефот на дипоматијата Османи веќе е во Брисел.

Побаравме став и од СДСМ за францускиот предлог, по последните најави од Бугарија, но и од таму останаа без коментар.

Иако, викендов на средба со Ковачевски сите владини партнери дадоа поддршка на македонските евроинтеграции три партии веќе се изјаснија против францускиот предлог – Демократски сојуз, ЛДП и ДОМ.

Опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ застанува изречно против.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека со предлогот се прави бугаризација на македонскиот народ, а обвинуват и дека Ковачевски и Османи веќе се согласиле со него пред европските лидери.