Македонија
19. April 2018 - 16:07

Могерини: Време е да се трча заедно и да се трча со соседи

Време е да трчаме заедно, време е да трчате едно со друг, заедно со вашите соседи, сигурна сум дека така ќе стигнете далеку. Вака високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини го заврши своето обраќање пред пратениците во македонското Собрание по повод препораката за почеток на преговори со ЕУ. Таа рече дека земјата изодела многу од европскиот пат изминативе 10 месеци, но и дека во препорката има два магични збора, а тоа е да одржат реформите и да се продлабочат. Тоа значи, рече Могерини, реформите кои ги донесовте сега и да ги имплементирате.

Таа го поздрави тоа што до позитивната препорака е дојдено заеднички и со напорите на Владата, но и со контруктивноста на опозицијата.

Обраќањето на Могерини го проследија гости од дипломатскиот кор, првите луѓе во правосудството, верските заедници, премиерот и министрите. Иако поканет не присуствуваше претседателот Иванов.

За владејчката СДСМ говорот и Могерини и позтивната препорака се признание за досегашната работа, но и мотив да се продолжи на патот на реформите особено во делот на контролната функција на парламентот во спроведувањето на законите од страна на Владата.

Могерини утрово имаше и работен појадок со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски. Како што соопштија од партијата Мицкоски посочил дека Македонија мора да го продолжи патот кон ЕУ и да ги постигне европските стандарди за доброто на граѓаните. Но, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изразил и загриженост за економската стагнација во државата и корупцијата.

„Политичкиот терор е широко застапен, и тој се одвива на повеќе нивоа како начин на пресметка на власта со неистомислениците, притисоците врз медиумите и недостатокот на демократски амбиент е сериозен предизвик кој државата ја уназадуваат во повеќе сфери“, истакнал Мицкоски.