Македонија
27. November 2015 - 17:14

Могерини ветува награда за Македонија ако се спроведат реформите и се реализираат успешни избори

Успешно спроведување на реформските мерки и на изборите во април идната година ќе донесат и награда од страна на Европската унија за нашата земја во однос на евроинтеграциите. Ова на министерот за надворешни работи Никола Попоски му го потврдила Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини при нивната денешна средба во Брисел, соопшти Попоски.

Могерини и Попоски разговарале отворено околу европската перспектива на Македонија и за бегалската криза, при што било јасно посочено дека очите на Брисел се насочени кон успешното спроведување на политичкиот дијалог и изборите во земјата.

- Во тој дел нема простор за никакви изговори и тука работите се во наши раце. Од друга страна, доколку тоа биде успешно завршено, во што веруваме дека постојат услови да биде спроведено, тогаш нема да има никакви изговори ни на страна на ЕУ за таквото однесување да не биде наградено. Успех во Македонија, со успешно спроведени избори мора да биде награден со пробивање на патот кон почеток на преговорите - изјави Попоски.

Во делот на разговорите за мигрантите, според македонскиот министер за надворешни работи тој побарал јасна поддршка и јасна линија за мерките што ги превземаат земјите-членки на ЕУ во однос на ова прашање.

- Од наша страна, јасно беше упатена пораката дека било-каква помош треба да биде насочена кон спречување на нелегални преминувања, обезбедување на границата и обезбедување на безбеден и хуман третман само на оние бегалци што имаат основа да станат баратели на азил во Европската унија - дециден е Попоски.