Свет
22. January 2016 - 17:53

Могерини предупреди за економска опасност од затворање на границите во ЕУ

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини денеска изјави дека на Унијата и се заканува голема економска опасност доколку земјите-членки почнат меѓу себе да подигнуваат ѕидови, кои го ограничуваат слободното движење. 

Таа предупреди на опасност за трговијата и бизнисот, ако Шенгенскиот договор, кој дозволува слободно движење на луѓе и стоки во 26 земји, почне да не се применува поради миграцијата и безбедноста.

Според неа, самостојните мерки на земјите од ЕУ нема да ја решат мигранстаката криза.

- Националните решенија не се излез од кризата. Тие ја докажаа својата неефикасност, истакна Могерини на Светскиот економски форум во Давос.

Таа смета дека е неопходно да се најде општоевропско решение за проблемот, изразувајќи надеж дека следната средба на врвот на ЕУ на 18 и 19 февруари во Брисел ќе доведе до позитивни резултати.