Македонија
21. October 2015 - 8:52

Модна изложба „Свадбени приказни“ во рамки на Моден викенд Скопје

Во рамки на Моден викенд Скопје во Музејот на Македонија вечер ќе биде отворена модната изложба „Свадбени приказни“.

Модната постановка ги презентира финалните дела произлезени од неколкумесечниот проект „Модата и културното наследство“, во чија реализација учествуваат Британскиот совет во Македонија како организатор во соработка со Европски универзитет и Музејот на Македонија. 

Темата „Свадбени приказни“, како што наведуваат организаторите, се наметнала како сублимат на богатството на експонати од етнолошката поставка на костими, накит и текстил во Музејот на Македонија, од кои најголем дел се поврзани со свадбените традиции во Македонија.

Студентите од моден и графички дизајн, во соработка со студентите од дизајн на ентериер и кустосите од Музејот, на изложбата ќе претстават дизајнерски раскажани приказни преку кои даваат свои, современи интерпретации на облеката, текстилот и накитот од локалните свадбени традиции. 

Куратор на изложбата е проф. м-р Гордана Вренцоска, а во креирањето на поставката учествуваа и кустосите Јасемин Назим и Нада Андонова од Музејот на Македонија.  Во  сценографијата се вметнати и експонати од изложбата „Црвен петел – црна кокошка“ на Музејот на Македонија.

Целта на проектот е да се примени богатото културно наследство од музејските колекции со облека, текстил и накит во работата на современите дизајнери, а преку интердисциплинарната соработка да се изнајдат и нови уметнички начини на модна презентација. Проектот започна со тридневната работилница „Модата како уметност“ во Музејот на Македонија, водена од проф. Сузан Постелвaјт од Лондонскиот колеџ за мода. Работилницата на студентите им отвори нови погледи кон културното наследство, кои резултираа со понатамошни креативни истражувања и подготовка на модната изложба, под менторство на нивните наставници од Факултетот за арт и дизајн проф. м-р Гордана Вренцоска, проф. м-р Стојанка Манева – Чупоска и доц. м-р Јовица Мијалковиќ.

Во кино салата на Музејот на Македонија, а во рамки на Моден викенд Скопје, вечер, со почеток во 21 часот ќе биде прикажана филмска програма насловена како „Екран на модата: подем на филмот за модата“. Оваа меѓународна филмска програма е наменета за модата и организирана од Британскиот совет во соработка со филмскиот уметник од Обединетото Кралство Катрин Фергусон. Станува збор за селекција од филмови продуцирани на работилниците организирани од Британскиот совет во Босна и Херцеговина, Кина, Индонезија, Нигерија, Филипини и Русија.

Паралелно со изложбата „Свадбени приказни“, од денеска до 8 ноември 2015 година во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје ќе се организира изложба насловена „Модата низ фондовите на НУБ“ со публикации од книжевниот фонд на библиотеката, кој нуди преглед на богатото модно и културно наследство во Македонија и можностите кои ги нуди НУБ за користење на овој фонд.

Модната изложба „Свадбени приказни“ ќе биде отворена до 8 ноември.