Македонија
15. јуни 2017 - 17:16

Модернизација на одбраната и посилни институции потребни за НАТО

Силни критики кон статус кво состојба во процесот на интеграцијата во НАТО биле искажани на последната средба со ген секот во Брисел, потврдуваат високи извори од министерството за одбрана. Македонија на состанокот гарантирала реализација на неопходните реформи и создавање на силни институции кои би овозможиле функционирање со земјите членки, но било побарано и да се возврати со отворена врата.

Јасно по самитот во Варшава е дека спорот со името не е единствената пречка, велат од одбрана. Клучно за напредокот во овој сектор ќе биде модернизацијата на АРМ и искористување на средствата кои ги одвојува буџетот за набавка на потребната опрема.

Очекувањата се дека кризната состојба на јужната граница поради бегалската криза ќе биде продолжена за уште 6 месеци.

Во првите пет месеци од годината,  како што откриваат високи извори од министерството, претходното раководство потрошило 60 проценти од средствата предвидени за патни и дневни расходи и над 70 проценти од средствата за субвенции и трансфери, додека само 5% од парите наменети за капитални расходи се реализирани.

Главната причина за нискиот процент на реализација во инвестициите се должи на потегот кој два дена пред заминувањето од функцијата го направил претходникот на Шекеринска. На 29 мај ги раскинал четирите договори со компанијата Елбит системи од Израел вредни 82 милиони евра со отплата во рок од две до седум години, за набавка на оклопни возила и различна опрема за АРМ. Истите извори од одбрана велат дека сомнителен е потегот, но досегашните консултации со правната служба во одбрана покажале дека нема да има плаќање на надоместок за компанијата поради раскинување на договорите.

Министерството за одбрана сега работело на обезбедување на набавки на неопходните средства, односно чизми и униформи за припадниците на војската барем пред крајот на годината.