Македонија
15. August 2017 - 20:37

МО: Во тек втор уписен рок за запишување на студенти/питомци на Воената академија

Министерството за одбрана денеска информираше дека е во тек вториот уписен рок за запишување на студенти/питомци и пилоти на прв циклус на студии, за потребите на Министерството и Армијата на Република Македонија на Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски” - Скопје.

- Министерството за одбрана ги известува сите заинтересирани дека можат да се пријават за непополнетите 10 места на вториот уписен рок, кој трае 15 и 16 август. Воедно, ја информираме јавноста и заинтересираните кандидати дека во вториот уписен рок, постапката ќе биде делумно изменета согласно измените на Правилникот  за условите, критериумите, начинот и постапката за спроведување на Конкурс за запишување и избор на кандидати за прв циклус на студии и за стручно оспособување и усовршување на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски”  во Скопје, се вели во соопштението.

Согласно изменетата постапка, сите кандидати прво ќе ги полагаат испитите по математика и англиски јазик, а дури потоа ќе бидат испратени на утврдување на психофизичката способност и проверка на нивната физичка подготвеност. Тестирањата на кандидатите ќе се вршат анонимно за да се намали можноста за влијанија и субјективност. Психолошките тестирање ќе се вршат писмено, во Воено медицинскиот центар, од страна на психолози на служба во Армијата и надворешен член од Клиниката за психијатрија. 

Измените во правилникот, се вели во соопштението, се со цел да се надминат воочените неправилности, да се прецизира одговорноста на сите вклучени во процесот на избори и да се зголеми транспарентноста во целата конкурсна постапка.

Министерството за одбрана, исто така, информира дека на објавениот конкурс во првиот уписен рок кој траеше од  4 до 31 мај 2017 година, се пријавиле 84 кандидати.

- По големите реакции во јавноста и медиумите, од страна на Државниот просветен инспекторат на 13 и 17 јули 2017 година извршен е вонреден инспекциски надзор и констатирано е дека само 13 кандидати имаат доставено комплетна документација, согласно општите и посебните услови на конкурсот. Од тие причини, само пет кандидати кои ги исполниле потребните услови се денес примени како студенти/питомци на прв циклус на студии на Воената академија и оваа конечна ранг листа е објавена на Воената Академија, се наведува во соопштението на МО.