Македонија
15. January 2020 - 18:37

МО: ВМРО-ДПМНЕ држи пресови базирани на нарачани лажни вести

Откако ВМРО-ДПМНЕ си нарача текст во своите портали, и откако содржината на тој текст беше целосно демантирана со факти, денес излегоа на прес-конференција и тврдењето дека Министерството за одбрана склучило договор за набавка на електрична енергија со „фирма на екс-вицепремиерот Кочо Анѓушев“, молскавично го преформулираа во „фирма блиска“ до Анѓушев. Притоа користат и зборови „фирма“ со која екс-вицепремиерот „има врска“.

И покрај демантот на лажните вести ВМРО ДПМНЕ не се откажа од разработената шема да ги искористи нарачаните лаги за да одржи прес конференција.

ВМРО ДПМНЕ продолжува со единствената практика која ја знае на штeта на институциите и државата – свесно да ја лаже јавноста.

Фирмата EDS, како што стои во демантот на нарачките од ВМРО ДПМНЕ, воопшто не е во сопственост ниту во каква било врска со  поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

Вистината  е следната:  Согласно законските обврски Министерството за одбрана спроведе јавна набавка за снабдување со електрична енергија.

На огласот се јавија четири фирми кои учествуваа на електронска аукција во која значително се намали цената. Од првичните понуди кои изнесуваа помеѓу 95 и 116 милиони денари, поради конкуренцијата цената се намали на 77,7 милиони денари. Тоа значи околу 18 милиони денари помалку од првичната најниска понуда.

Со ова Министерството за одбрана ќе оствари заштеда и во однос на претходните трошоци за таа намена и во однос на постигнатите цени во други институции.

До порталите кои ги пренесуваат лажните вести и работат спротивно на јавниот интерес, порачуваме да престанат да шират лажни вести, бидејќи така си штетат на себе, на државата, а и на нарачателите.